Сподели го написот

Дислексија / Занимливости / Избрани текстови / Линк

Бранка Бугариска – Арс Ламина ги поттикнува децата да ги развиваат нивните читачки навики и да ја засакаат книгата

Бранка Бугариска – Арс Ламина ги поттикнува децата да ги развиваат нивните читачки навики и да ја засакаат книгата

Неодамна на Филозофскиот Факултет се одржа промоцијата на првата асистивна технологија за дислексија во нашата држава, како дел од промоцијата на фонтот DyslexicFZF и додавката Бато заедно со нашите пријатели издавачката куќа Арс Ламина ги промовиравме и 40-те лесно читливи изданија на лектири прилагодени за учениците со дислексија. На овогодинешниот саем на книгата Арс Ламина ја освои и првата награда од Македонската асоцијација на издавачи токму за проектот „Лесно читливи лектири“. За тоа што претставува овој проект кој е поддржан од Здружението за дислексија АЈНШТАЈН и Филозофскиот Факултет Скопје ќе дознаете од разговорот со Бранка Бугариска директорка на издаваштво во Арс Ламина. 

1. Всушност, што претставува проектот „Лесно читливо“?

Проектот „Лесно читливи лектири“ е едиција на лектири и читанки, приспособени на возраста на децата, а кои се лесно читливи за учениците, вклучително и децата со дислексија. Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“, преку својот импринт „Либи“, неодамна објави нови 40 лектирни изданија за основно образование. Се работи за поголем дел од листата на лектири за основно образование одобрени од Министерството за образование и наука. Книгите беа премиерно претставени на конференцијата „Асистивна технологија за дислексија“ во организација на Здружението за дислексија „Ајнштајн“, што се одржа неодамна во Филозофскиот факултет.

2. Од каде произлезе идејата за изработка на вакви книги?

Овој проект на „Арс Ламина“ е дел од мисијата на издавачката куќа да ги направи книгите полесно достапни до сите деца, а и да ги поттикне децата да ги развиваат нивните читачки навики и да ја засакаат книгата. Нашите истражувања во поглед на причините поради кои децата и учениците сѐ помалку читаат упатуваат кон повеќе проблеми. Меѓу другото, дел од причините лежат и во тоа што многу често на нашиот пазар изданијата за деца воопшто не се приспособени на нивната возраст, текстовите се долги и набиени на страницата, илустрациите застарени и непривлечни, а многу често изобилуваат и со јазични, правописни, па и преводни грешки. Оттука и нашата мисија да ја направиме книгата привлечна за децата за да го засакаат читањето.

3. Сметате ли дека ваквиот тип книги ќе успеат да ги подобрат читачките навики кај учениците кои се соочуваат со дислексија?

Да. И досегашните наши изданија, што ги следат светските технички стандарди за книги за деца, се покажаа дека лицата со дислексија полесно можат да ги читаат, бидејќи се најблиску до пропишаните стандарди за книги наменети за лица со дислексија. Со овие нови изданија верувам дека на учениците со дислексија уште повеќе ќе им го олесниме читањето на школската лектира.

4. Кои се карактеристиките на лесно читливите книги од вашата издавачка куќа?

Лектирите се уредени со помош на специјален фонт и според светски утврдени технички стандарди за дислексија, поради што се одобрени и препорачани и од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје. Покрај изборот на фонт, големината на буквите, проредот, маргините итн., важно е да се наспомене дека е исклучително внимавано и на јазикот, правописните правила, илустрациите, нивната поставеност во однос на текстот, квалитетот на хартија и сл. Дополнително, овие лектирни изданија вклучуваат и речник на помалку познати зборови, со цел учениците не само да го разберат во целост делото туку и да го прошируваат својот вокабулар. Лектирите вклучуваат и активности за работа на часот, што ќе бидат од помош и за учениците при подготовка за обработка на лектирата.

5. Колкава е бројката на досега издадени лесно читливи изданија и кои се вашите понатамошни планови?

Досега се издадени 40 лектирни изданија, а оваа едиција секако ќе се проширува и понатаму. Покрај лектирите, планираме и други изданија и едиции под етикетата „лесно читливо“.

6. Здружението „Ајнштајн“, заедно со Филозофскиот факултет, овој месец го промовираше првиот кирилски фонт, што го олеснува читањето кај лицата со дислексија. Дали можеби во иднина ќе се осврнете на поголема употреба на овој фонт во вашите изданија?

Да, секако. Во периодот кога ја стартувавме едицијата лесно читливи книги, фонтот DyslexicFZF сѐ уште не беше изработен, но сега, кога е веќе достапен, можеме да размислуваме за конкретни изданија токму со овој фонт.

7. За лицата со дислексија познато е дека аудиокнигите се исклучително корисни. Каков е вашиот став како издавачка куќа во однос на аудиокниги и колку е возможно ваквиот тим на книги да се обезбедат во нашето општество?

И ова е една идеја за која веќе сме размислувале. Веќе ја разгледуваме можноста за издавање аудиокниги и се надевам дека наскоро ќе излеземе и со таква понуда.

Сподели го написот

Остави одговор

Твојата email адреса нема да биде објавена

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>