Сподели го написот

Занимливости / Избрани текстови

Како го одбележавме октомври месецот за подигнување на јавната свест за дислексијата

Како го одбележавме октомври месецот за подигнување на јавната свест за дислексијата

Веќе е познато дека Октомври е месец на дислексијата. За таа цел, во светски рамки, различните компании и организации допринесуваат за подигнување на јавната свест за дислексијата, преку креирање на кампањи, конференции и герила акции.

Во Република Македонија, главен придонес во подигнување на јавната свест за дислексијата има нашето здружение. Овој Октомври, за да го одбележиме месецот на дислексијата организиравме низа на активности.

Транспарентни информации за дислексијата

Како дел од проектот “Транспарентни информации за дислексијата” поддржан од Фондација Отворено општество Македонија , организиравме три панел дискусии, на три различни теми.

Темата на првата одржана панел дискусија беше насловена “Дислексијата во Република Македонија”.На оваа панел дискусија свој говор имаа д-р Мира Јовановска, представник од заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, м-р Зденка Стаменова и м-р Весна Цековска, како претставници од заводот за ментално здравје на деца и младинци и четири тренери за дислексија по различни методи, а имено Гордана Андоновска, тренер за дислексија по АФС методот, Катерина Николовска и Даница Ѓуревски, тренери по Ортон Гилингам метод и Славица Тасевска Николовска, лиценциран тренер за дислексија по методот на Рон Дејвис.

Втората панел дискусија беше насочена кон употребата на медикаменти и психолошката слика на дислексичарите, а на истата свој говори имаа Директорката на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас д-р сц. Силвана Флипова, Претседателката на комората на психолози на Република Македонија д-р Мирјана Јовановска Стојановска, Славица Тасевска Николовска- лиценциран тренер за дислексија по методот на Рон Дејвис и Катерина Николовска- тренер за дислексија по Ортон Гилингам метод.

 

На последната одржана панел дискусија насловена “Oбразовните предизвици на дислексичарите”, освен претседателката на Комората на психолози, д-р Мирјана Јовановска Стојановска,  свој говор имаа Сања Наумовска, родител на дете со дислексија, Мејрем Кајоли Туша, одделенски наставник во Основното училиште Лирија, Наде Молеровиќ Директор на ОУ. “Гоце Делчев” и Илинка Ставрова, која самата се соочува со дислексија.

Практични методи и алатки при работа со учениците со дислексија

Освен активностите спроведени во рамки на проектот транспарентни информации за дислексијата, Здружението за дислексија АЈНШТАЈН го организираше и првиот практичен семинар за потешкотиите во учењето насловен “Практични методи и алатки при работа со учениците со дислексија”, кој беше наменет за сите оние кои директно работат со учениците со дислексија, односно наставници, дефектолози, психолози, педагози, но и за родителите. Свои работилници на овој семинар имаа Славица Тасевска Николовска, Катерина Николовска и Даница Ѓуревски.

Славица Николовска, која е единствен лиценциран тренер за корекција на дислексија, дискалкулија и АДХД по светски познатиот метод на Рон Дејвис, одржа презентација за принципите на Дејвисовата метода со примена на практични алатки за учениците со дислексија кои може да се користат за време на часовите, но и во домашни услови. Интерактивните вежби опфатија работа со глина и моделирање на збор кој е тежок за визуелизација, преку кои беше објаснета суштината и значењето на јазикот, но и вовед во математиката преку моделирање со глина. Оваа работилница беше насловена Принципите за работа на Дејвисовата метода за корекција на дислексија, дискалкулија и АДХД.

Работилницата на Г-ѓа Катерина Николовска и Г-ѓа Даница Ѓуревски, кои работат по ALT (Academic Language Therapists) и NILD (Educational Therapists in Training), опфати презентација на тешкотиите со кои се соочуваат учениците со дислексија во училницата и практични стратегии за работа по Ортон Гилингам методот. Оваа работилница беше со интерактивен карактер и претставуваше симулација на еден терапевтски час, а беше насловена “Дислексија и терапија во училница. Колку тешко може да биде?”

Кампања #КАЖNDИСЛЕХИЈА

За прв пат на територијата на Република Македонија активно учество за подигнување на јавната свест за дислексијата зема Капитол Мол во соработка со Здружението за дислексија АЈНШТАЈН. Капитол мол по примерот на светските гиганти по повод октомври месецот на дислексијата го промени своето лого со цел граѓаните да имаат можност да го искусат начинот на кој што гледаат лицата со дислексија.

Соработката значеше креирање на заедничката кампања #КАЖNDИСЛЕХИЈА. Во рамките на оваа кампања беа креирани седум инспиративни статии за дислексија, односно успешни приказни на познатите личности кои се соочуваат со дислексија. Во рамки на кампањата беа креирани 255 креативни кавер фотографии за Фејсбук со различни имиња напишани со измешани или испревртени букви, кои беа достапни за јавноста. Јавноста ја анимиравме преку голем број на фотографии со цитати од светски познатите дислексичари. Во последниот ден од месец октомври, во Капитол Мол беше поставен и инфо- пулт за дислексија, каде што граѓаните можеа да се информираат за оваа состојба, да постават прашања .

Дали Македонското општество е подготвено да ги прифати потребите на дислексичарите?

Месецот октомври како месец за подигнување на јавната свест за дислексијата официјално го завршивме со одржувањето на конференцијата “Дали Македонското општество е подготвено да ги прифати потребите на дислексичарите?” како дел од проектот “Транспарентни информации за дислексијата”. Целта на конференцијата беше подигнување на свеста кај државните власти за дислексијата и овозможување на дијалог за започнување процеси кои ќе водат кон создавање на инклузивно општество за лицата со дислексија.

Конференцијата беше одржана во Хотел Арка на 31ви Октомври, а свои обраќања имаа д-р сц. Силвана Филипова- директорка на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, Славица Николовска- основач на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН, Проф. Д-р Орхидеја Шурбановска од институтот за психологија при УКИМ, Дамјан Николовски- претседател на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН, но и м-р Весна Цековска претставник на Заводот за ментално здравје на деца и младинци.

Иако октомври заврши ние продолжуваме и понатаму со остварување на нашата мисија, односно заедно со вашето учество и посветеност да ја подигнеме јавната свест за дислексијата и да овозможиме инклузивно општество за сите лица кои се соочуваат со дислексија.

Се гледаме наскоро со нови содржини и предизвици.

Stay tuned….

Сподели го написот

Дамјан Николовски е претседател на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН. Целата своја работна кариера ја посветува на проучување на состојбата дислексија како и актуелизирање на истата во Република Македонија.

Остави одговор

Твојата email адреса нема да биде објавена

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>