Сподели го написот

Занимливости / Избрани текстови / Линк

DyslexicFZF ги прави подостапни текстуалните содржини за лицата со дислексија

DyslexicFZF ги прави подостапни текстуалните содржини за лицата со дислексија

Дислексијата е состојба која предизвикува потешкотии во учењето, за која во светот повеќе од една деценија се користи асистивна технологија. Преку асистивната технологија значително се олеснуваат проблемите со кои се соочуваат лицата со дислексија. Во нашата држава овој тип на технологија воопшто и не постоеше се додека Филозофскиот Факултет Скопје, Здружението за дислексија Ајнштајн и ИТ компанијата Emit Knowledge не ги превземаа првите чекори кон создавање на инклузивни образовни услови за лицата со дислексија преку креирање на првиот кирилски фонт за дислексија и креирање на првиот Dyslexic Plug-in наменет за интернет пребарувачот Google Chrome.

Со Доц.др. Александра Каровска Ристовска и м-р Маја Филиповска од Институтот за специјална едукација и рехабилитација  при Филозофскиот Факултет Скопје разговараме за фонтот DyslexicFZF.

  1. Најнапред би сакале да ни објасните што претставува DyslexicFZF фонтот?

Maja: DyslexicFZF претставува компјутерски фонт наменет за лицата кои имаат тешкотии во читањето, односно лицата со дислексија. Основната цел на постоењето на DyslexicFZF фонтот е да го олесни читањето на овие лица, преку задоволување на нивните читачки потреби. Во меѓународни рамки, фонтови од ваков тип се веќе изготвени, но сите тие се креирани на латинско писмо што ја оневозможува нивната целосна употреба кај лицата со дислексија од нашата земја.

DyslexicFZF е во суштина еден вид асистивна технологија која треба да ги направи подостапни текстуалните содржини за лицата со дислексија.

2. Од каде произлезе идејата за креирање на овој фонт?

Александра: Идејата за создавањето на првиот кирилски фонт за дислексија DyslexicFZF произлезе од иницијативата на деканот на Филозофскиот факултет – проф. д-р Ратко Дуев за зголемување на пристапноста на студирањето за лицата кои имаат тешкотии во читањето. Истовремено, проф. д-р Војислав Саракински како претседател на комисијата за информатички и комуникациски технологии на Филозофскиот факултет чии членови сме јас и Маја предложи да креираме алатка која би го олеснила читањето на лицата кои имаат тешкотии. По спроведувањето на интензивни декс-топ истражувања во врска со читливоста на текстовите, изгледот на буквите во рамките на латинските фонтови за дислексија и низа други пропишани правила за тоа како треба да изгледаат буквите и растојанието меѓу нив, дефиниравме низа типографски параметри кои треба да ги почитуваат фонтовите за дислексија. Овие параметри беа следени од типографот Ласко Џуровски кој технички го изработи првиот кирилски фонт за олеснување на читањето кај лицата со дислексија.

3. Како првиот кирилски фонт за дислексија ќе им помогне на лицата со дислексија?

Маја: Со оглед на тоа што презентирањето на текстот има значаен ефект врз способностa за читање, DyslexicFZF фонтот помага да се зголеми читливоста на еден текст и на тој начин да се зголеми флуентноста во читањето кај лицата со дислексија. Она што треба да се нагласи е дека употребата на фонтот не значи отстранување на дислексијата како таква, туку само помага да се олесни процесот на читање. Текстовите пишувани со DyslexicFZF фонтот подобро визуелно се перципираат, така што лицата кои имаат проблеми со вештините за визуелна перцепција, ќе имаат најголем бенефит од неговата употреба. За потсетување, постојат различни видови дислексија, како и теории кои го појаснуваат потеклото на дислексијата. Креираниот фонт, кој во својата основа е визуелно средство, ќе има најголем ефект кај лицата кои имаат ортографска дислексија или кои покрај останатите дефицити, имаат дефицит во визуелното процесирање и перцепција.

4. Од што зависи читливоста на еден текст?

Александра: Читливоста на еден текст зависи од голем број карактеристики на фонтот во кој е пишуван текстот. Карактеристиките се секогаш меѓусебно поврзани и вклучуваат: големина на карактерите, простор помеѓу карактерите и редовите и облик на фонтот. Истражувањата покажуваат дека фонтовите поголеми по димензија, со поголем проред и поголем простор помеѓу самите карактери, овозможуваат поголема читливост. При креирањето на големината на фонтот, што во суштина подразбира висина на карактерите, типографите ја одредуваат најниската и највисоката точка на карактерот, притоа додавајќи минимален дополнителен простор, доволен за буквите да не се допираат една со друга. Овој дополнителен простор овозможува буквите да бидат визуелно издвоени една од друга.

Согласно со наведените карактеристики во читањето кај лицата со дислексија и манипулирањето со основните типографски параметри, постои можност за креирање на фонтови кои ќе бидат приспособени на потребите на овие лица. Креирани се веќе неколку фонтови од таков вид (Sylexiad, Dyslexie, Read Regular и Open Dyslexic), кои во својата основа содржат поголема диференцијација на карактерите отколку кај постојните.

5. Која е разликата помеѓу DyslexicFZF фонтот и обичните фонтови?

Маја: DyslexicFZF e санс серифен фонт во кој специфично се изработени сите букви од македонската азбука, нумеричките и интерпункциските знаци, на тој начин што се задоволуваат основните потреби во читањето кај лицата со дислексија. Главните карактеристики на фонтот, кои најголемиот број останатите фонтовите не ги поседуваат, се задебелувањето на основата на секој карактер, зголемената димензија на карактерите и зголемен проред.

Со оглед на тоа што постои нагласен сооднос помеѓу задебелените и потенките делови, фонтот поседува поизразен контраст, овозможува полесно следење на редовите во текстот, како и ориентацијата во просторот за читање. Исто така, Dyslexic FZF се карактеризира со извесни закосувања на вертикалните и на хоризонталните основни линии на буквите, како и зголемени отвори на алфабетските знаци. Ова е особено значајно со оглед на тоа што се зголемува дистинктивноста на карактерите и се намалува можноста за мешање на визуелно сличните букви, што неретко се случува при читањето кај лице кое има дислексија. Уште една значајна карактеристика која DyslexicFZF фонтот ја поседува е тоа што прави дистинкција помеѓу алфабетски и нумеричките знаци. На овој начин се избегнува мешањето на буквите и броевите при читањето.

6. Како ја утврдувате ефикасноста на ново креираниот фонт?

Александра: Нашето деск-топ истражување покажа дека досегашните студии за ефикасноста на специјализираните фонтови за дислексија се спроведувани единствено за латински фонтови и најчесто на нетранспарентни ортографии (како на пример ортографијата на англискиот јазик). Со цел да ја утврдиме ефикасноста на DyslexicFZF, во рамките на овој проект решивме да спроведеме истражување во кое преку испитувањето на успешноста во читањето на текстови со DyslexicFZF и Times New Roman (како најчесто користен фонт) ќе се утврди функционалноста на истите. Истражувањето покажа кои се разликите во читањето со различни фонтови, бројот на грешки и брзината на читањето при читање со различни фонтови како и влијанието на визуелно-перцептивните вештини врз флуентноста во читањето. Во рамките на истражувањето користевме стандардизирани тестови: Oral Fluency Test (ORF) – тест за испитување на флуентноста во оралното читање; Motor-Free Visual Perception Test 4 (MVPT-4) за утврдување на визуелната перцепција; и тест за читање низи бесмислени зборови и зборови со значење.

7. Каква беше реакцијата на испитаниците во истражувањето? Дали самите испитаници почувствуваа разлика во читањето на текст со обичен фонт и текст со фонтот DyslexicFZF?

Маја: Првите реакции на испитаниците ги очекувавме со нетрпение. Секако, поради возрасната разлика, податоците за личниот впечаток од читањето со фонтот DyslexicFZF ги добивме од повозрасните испитаници вклучени во истражувањето. Најголемиот број од нив сметаа дека полесно читаат со новокреираниот фонт, а добиените податоци од истражувањето го потврдија истото. Некои од нив нагласија дека, на прв поглед, текстот напишан со DyslexicFZF фонтот изгледа погломазен и зафаќа многу повеќе простор на страницата, што почетно ги обесхрабрило дека текстот е долг, а тоа значи дека ќе им биде потребно и многу повеќе време да го прочитаат. Но, штом читањето започнало, сфатиле дека помалку време се задржуваат на еден поединечен збор и читаат полесно.

8. Може ли да ни дадете подетални податоци и резултати кои произлегоа од самото истражување?

Александра: Во рамките на проектот Асистивна технологија за дислексија спроведовме теренско истражување со цел да ја утврдиме ефикасноста на DyslexicFZF. Примерокот на истражувањето опфати 38 лица со дислексија на возраст од 8-41 година. Шеснаесет лица беа од женски пол додека 22 испитаниците беа од женски пол. Истражувањето покажа дека испитаниците со дислексија читаат пофлуентно, прават помалку грешки и исчитуваат поголем број зборови со DyslexicFZF фонтот во споредба со Times New Roman фонтот. Лицата со дислексија исчитаа поголем број зборови во текот на една минута со DyslexicFZF фонтот во споредба со Times New Roman фонтот. Бројот на грешки при читањето со Times New Roman e скоро двојно поголем од бројот на грешки што лицата со дислексија го направија при читањето со DyslexicFZF фонтот. При читањето на бесмислени зборови со Times New Roman фонтот, испитаниците точно прочитале 74% од бесмислените зборови наспроти 26% погрешно прочитани зборови. При читањето со DyslexicFZF, испитаниците точно прочитале 82% од бесмислените зборови, а направиле само 18% грешки. Читањето на зборови со смисла од страна на лицата со дислексија, исто така покажа различни резултати во поглед на успешноста при читањето со Times New Roman фонтот и DyslexicFZF фонтот. Лицата со дислексија, при користењето на Times New Roman фонтот читаа со успешност од 83% и 17% грешки додека при користењето на DyslexicFZF фонтот, испитаниците точно прочитаа 90% од зборовите со значење а направија грешки во 10% од случаите. Најчестите типови грешки кои ги правеа испитаниците со дислексија при читањето на зборовите и текстовите беа супституција (замена на целиот збор со збор со друго значење); омисија (испуштање на букви од зборот); додавање (додавање на букви во иницијална, медијална или финална положба на зборот); повторување (најчесто повторување на првите слогови од зборот); себе-коригирање. Кај учесниците во истражувањето беа испитувани и визуелно-перцептивните способности преку Motor-Free Visual Perception тестот (MVPT-4). Резултатите покажуваат дека кај испитаниците кои имаат послаби визуелно-перцептивни вештини се намалува бројот на грешки при читањето при користењето на DyslexicFZF. Истражувачите направија анализи и според полот, но не се појави статистички значајна разлика кај добиените резултати.

9. Дали тоа што се прави во рамките на проектот Асистивна технологија значи и почеток на креирање на инклузивни образовни услови за учениците кои имаат потешкотии во учењето?

Маја: Секако дека досегашните активности од овој проект водат во насока да се размислува што уште може да се направи за учениците со тешкотии во учењето. Креирањето на фонтот е само еден вид на технологија наменета за една гупа од овие ученици, но постојат уште многу други различни начини, уреди, опрема и системи кои можат да помогнат во компензирање и на останатите специфичните тешкотии во учењето. DyslexicFZF е достапна и едноставна за употреба алатка која може да се користи за подобрување на инклузивните услови во училиштата, но доколку зборуваме за вистински услови, тогаш треба да се работи на создавање асистивна технологија која ќе биде од помош  за останатите видови на специфични тешкотии во учењето. На тој начин ќе се намали зависноста на овие ученици од нивните врсници и наставници при извршувањето на училишните, што директно ќе ја подобри нивната вклученост во образовниот процес.

 

10. Какви се идните планови на Филозофскиот факултет од Скопје во насока на подобрување на образовните услови за учениците со специфични тешкотии во учењето?

Александра: Во моментот Филозофскиот факултет е координатор на Еразмус+ КА2 проект со назив Fostering Assessible Study Technologies: Accessible Learning Management System for Students with Disabilities. Заедно со нашите партнери од Португалија, Литванија и Данска ќе креираме платформа за е-учење со цел олеснување на достапноста на содржините за лицата со различни тешкотии вклучувајќи ги и студентите со дислексија. Во рамките на адаптацијата на оваа платформа за е-учење се предвидува развој на мод за лица со дислексија при што ќе се прилагоди интерфејсот на платформата за лицата со дислексија и ќе се имплементира поддршката на кирилски фонтови. Овие модови ќе бидат овозможени и преку мобилна апликација. Филозофскиот факултет продолжува во континуитет да ги подобрува условите за студирање на студентите со специфични тешкотии во читањето преку исполнување на стандардите за dyslexia friendly факултети пропишани од British Dyslexia Association (BDA).

 

Оваа статија е дел од проектот “Асистивна технологија за дислексија” финансиран од програмата за грантови на проектот „Промени за одржливост” финансиран од Европската Унија.
Проектот се спроведува од страна на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН во партнерство со Emit Knowledge и Филозофскиот Факултет Скопје

Сподели го написот

Дамјан Николовски е претседател на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН. Целата своја работна кариера ја посветува на проучување на состојбата дислексија како и актуелизирање на истата во Република Македонија.

Остави одговор

Твојата email адреса нема да биде објавена

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>