Сподели го написот

Дислексија / Занимливости

Совети од дислексични ученици до учениците што имаат дислексија

Совети од дислексични ученици до учениците што имаат дислексија

Никој не може целосно да разбере како е да се биде ученик со дислексија, како што тоа може да го разбере друг ученик со дислексија. Нашите наставници и родители имаат совети за нас, но сега ќе ви покажеме неколку совети од вистински експерти за дислексија.

Совети за следење на времето

Ана (15) вели дека нејзината најдобра стратегија за завршување на домашната задача е едноставна: „Никаква технологија околу себе додека се пишува домашната задача. Многу важна алатка за мене е големиот ѕиден календар. На него пишувам колку време ми е потребно да завршам некоја работа. Бидејќи сум дислексичар, потребно ми е повеќе време на тестовите, нели? Исто така, потребно ми е да го користам целото слободно време за да ја напишам домашната задача така како што треба. Многу ми користи тоа што на календарот ги обележувам сите датуми кога нешто треба да завршам, но, исто така, ги обележувам и деновите кога треба да ја започнам задачата, и секако сите задачи ги делам на помали чекори.“

За дислексичарите, кои читаат побавно и кои понекогаш не можат да си го разберат сопствениот ракопис, неопходно е подолго време за завршување на зададената задача. Но, еве некои совети и за тоа:

Секогаш работната задача поделете ја на помали делови. Имајте за секој месец по три листа хартија. Родителите или професорите нека ви помогнат поделените работни задачи да ги напишете на секој лист одделно, како на пример, избор на тема, правење на истражување и пишување на првата нацрт-верзија.

Но, што да се направи прво? Кога ќе се соочите со листа од повеќе кратки задачи што треба да ги направите, најлесно е по случаен избор да одберете која прво ќе ја завршите, но ова не е баш најкорисен начин. За минута размислете и дајте ѝ приоритет на задачата. Тука не станува збор за тоа што сè треба да се направи, туку и за што ќе ви биде потребно повеќе или помалку време. Обично сите сме навикнати да учиме навечер ден пред тестот. Немојте да ја практикувате оваа навика. Календарот на активности за навечер никогаш нека не опфаќа учење.

Технички совети

Четиринаесетгодишниот Бојан, како за пример, има другар што учи преку POWER POINT презентации што ги подготвува врз основа на училишниот материјал. Бојан ги користи овие презентации при учењето. Многу често го користи компјутерот за пишување наместо да пишува во тетратка. На овој начин заштедува многу време и преку spell-check (правописна проверка) може да си ги увиди сопствените грешки. Исто така, за англиски јазик тој ги користи и гласовните програми што го претвораат тоа што ќе го кажете во пишан текст, како на пример програмот Драгон. Исто така, како корисна алатка е и GOOGLE voice search, кој е достапен и за компјутери, и за сите видови паметни телефони.

Еве уште неколку корисни совет од Ана и Бојан:

Ана откога ќе заврши со пишување, многу често со својот телефон се снима додека го чита напишаното. Потоа, неколку пати го преслушува тоа што го читала. Ова многу и помага да ги воочи сопствените грешки, но и како дислексичар, преку аудитивно слушање, многу полесно учи и ги запомнува работите.

Слушањето аудио-книги е голема предност за сите дислексичари. Кога претходниот ден книгата би се слушала, следниот ден доколку треба да читате на глас во класот, ќе ви биде многу полесно.

Во Македонија е многу голем проблем тоа што оваа технологија на аудио-книги речиси и да не е застапена. Но, за англиски јазик ваквиот тип книги е застапен во милионски бројки, за сите што се заинтересирани за слушање аудио-книги на англиски јазик, може да се најдат на следниот линк: www.learningally.org.

Марко честопати си дава повеќе паузи во текот на зaвршувањето на некоја тешка задача. Како ученик во трета година, добива многу покомплицирани задачи од тоа што е навикнат. „Кога имам 20 страници за читање во една вечер, многу тешко можам да се фокусирам на сите. Многу подобро се концентрирам и фокусирам кога ќе ги поделам на по 10 страници. Секогаш помеѓу одделниот материјал паузирам и си давам повеќе време за да ја сработам задачата побавно и повнимателно. Знам дека ова можеби одзема повеќе време, но подобро ја завршувам задачата, верувајте.“

Не повеќе од тоа што ви е потребно. На пример, не морате да ја истражите целата литература за Втората светска војна ако треба да напишете некој параграф за Евреите во Македонија.

За некои луѓе, учењето пред да се легне во кревет, прави материјалот да се запомни полесно.

Работата и учењето во тивко место секогаш е од голема корист. На тој начин ќе ги избегнете сите непосакувани звуци што го привлекуваат вашето внимание и ве дефокусираат.

Некои ученици откриле дека џвакањето мастика за време на тестот ја зголемува нивната концентрација и нивниот фокус при решавање на тестот. Обидете се, доколку тоа ви помага, да го замолите наставникот да ви дозволи да џвакате гума. Но, немојте да правите балончиња.

Запомнете: Спиењето и добрата исхрана се многу важни. Доколку спиете по 8 часа на ден и се храните здраво, ќе имате значително подобрен фокус и зголемена концентрација.

Речиси сите со кои што разговаравме, се согласија за една работа. Да веруваш во себе е најважната работа. Соња ни кажа: „Дислексијата те учи како да управуваш со сопственото време и да работиш напорно. Ова е тоа што ми помага да ја исполнам секоја задача и обврска што ја имам.“ Дамјан, ученик во четврта година, својата инспирација ја наоѓа во разговорите со возрасните дислексичари: „Зборувањето со возрасни и реализирани личности што се дислекични, навистина ми помага во животот. Сите тие имаат работено многу понапорно за да ги остварат своите цели во животот, бидејќи во нивно време не постоеле компјутери, ниту пак, каква било технологија што им го олеснувала животот. Тоа што тие успеале во тоа време, сигурен сум дека и јас ќе успеам.“

И од останатите ученици слушнавме слични работи:

Никогаш не чувствувам дека постои нешто што треба да го направам, а не можам. Да, потребно ќе ми биде повеќе време, но сигурен сум дека ќе го направам.

Важно е да се навратиш наназад и да видиш колку далеку си стигнал. Во основно училиште имаше многу работи што јас не можев да ги направам за разлика од другите деца, но сега, кога завршувам средно, можам да ги правам сите работи што ги можат и другите, а реално, и многу често, ги правам подобро од нив.

Се чувствував засрамено од помислата дека работев со дефектолог, а потоа и со тренер за дислексија, но знам дека немаше да бидам тоа што сум денес, да не беа тие.

Дислексијата е нешто што секогаш ќе биде дел од мене, но не мислам дека некогаш ќе ме спречи да го правам тоа што го сакам.

За крај, верувајте дека секогаш ќе наоѓате и други корисни совети, како од своите соученици, така и од наставниците и родителите, само доколку сте свесни за дислексијата.

И не заборавајте: Дислексијата е дарба!

Сподели го написот

Дамјан Николовски е претседател на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН. Целата своја работна кариера ја посветува на проучување на состојбата дислексија како и актуелизирање на истата во Република Македонија.

Остави одговор

Твојата email адреса нема да биде објавена

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>