Сподели го написот

АДХД - АДД / Избрани текстови / Потешкотии во учењето

Нарушување во однесувањето АДХД е состојба која што се уште не им е доволно позната на родителите во нашата држава

Нарушување во однесувањето АДХД е состојба која што се уште не им е доволно позната на родителите во нашата држава

Славица Тасевска Николовска лицанциран тренер за корекција дислексија, АДХД, АДД, дисграфија и дискалкулија со метод на Рон Дејвис – Davis Dyslexia Association International

Нарушување во однесувањето придружено со недостиг на внимание, импулсивност и хиперактивност или пак без хиперактивност е состојба која што за жал се уште не им е доволно позната на родителите во нашата држава. Сведоци сме на се поголем број на деца кои се хиперактивни и не можат да го задржат своето внимание, за тоа како да се препознае дете со АДХД или АДД и како да им се помогне на децата разговаравме со Славица Тасевска Николовска лицанциран тренер за корекција дислексија, АДХД, АДД, дисграфија и дискалкулија со метод на Рон Дејвис – Davis Dyslexia Association International

1.Како ја дефинирате состојбата наречена АДХД ?

АДХД е кратенка од Attention Deficit Hyperactivity Disorder – АДХД  или во превод нарушување поради недостиг на внимание со хиперактивност. Слична состојба е АДД или нарушување поради недостиг на внимание без хиперактивност . Во самата дефиниција недостигот на внимание е клучниот израз што ја дефинира состојбата. Иако ваквата дефиниција е општо прифатена, не можам во целост да се согласам со неа. Искуствата од мојата практика ми укажуваат на фактот дека овие лица можат да го задржат вниманието на работи кои за нив се интересни и по неколку часови. Сметам дека се работи за пренасочено внимание.

2.Како може да се препознае дете или возрасен со АДХД?

Симптомите на АДХД се манифестираат воглавно преку однесувањето на личноста. Невообичаеното однесување може да се забележи уште во раното детство, најчесто во третата година од животот. Карактеристично за децата со АДХД ,  е да покажуваат екстремна љубопитност, да го  истражуваат нивното опкружување и  да ѕирнат во секое ќоше. Честопати не се свесни за последиците од некоја нивна активност при тие нивни истражувања. И покрај советите од родителите и укажувањата за опасностите што ги демнат, како и за  штетните последици од одредени нивни активности, тие ќе скокаат и ќе го оштетуваат  мебелот, ќе фрлаат предмети, неконтролирано ќе претрчуваат преку улица или ќе се качуваат на некое дрво. Дете со АДХД останува “глуво“ за било какви забрани или совети од блиските. Не можат да ги контролираат емоциите и имаат импулсивни реакции ако им биде нешто одземено или ако не можат да го остварат тоа што го сакаат. Ваквото однесување продолжува и во градинка и на училиште, па честопати персоналот има поплаки и тешко се справува со нив. Тешко се адаптираат во групни активности, како да си се доволни сами на себе. Имаат живописна имагинација која честопати ја доживуваат како реалност, па за околината изгледа како постојано да измислуваат приказни. Кога ќе се најдат во училишните клупи се чувствуваат заробени, па често стануваат во текот на наставата, излегуваат без прашање, ги вознемируваат другите ученици или постојано се клатат на столчето. Остануваат фокусирани само ако нешто им е интересно. Во спротивно нивното внимание бидува пренасочено кон некој надворешен стимул или во нивната имагинација. Често се учесници во конфликтни ситуации со соучениците и за нив секогаш се другите виновни. Вака опишаното однесување  влијае  на нивните академски вештини и успех. Едно дете со АДХД секогаш ќе одбива да ја напише домашната задача со различни изговори од типот: гладен сум, ми се пие вода, морам во тоалет и сл. Го пренасочува вниманието кон работи кои нему му се интересни и се обидува да го пренасочи вниманието и  на родителот, наставникот или инструкторот.

За својата различност стануваат свесни во подоцнежниот период по низата укажувања за нивното однесување од страна на околината. На околу 10 годишна возраст можеби ќе се намали хиперактивноста, но тоа е период кога детето почнува да  забележува дека се разликува од другите врсници , се чувствува неразбран, тешко му е да ги опише чувствата и станува свесно дека не постигнува добар академски успех. Сето тоа го прави да се чувствува инфериорен во однос на соучениците. Во овој период детето почнува  да се сомнева во своите способности и започнува процесот на губење на самодоверба. Ова е особено потенцирано во адолесцентниот период и има големо влијание при градењето на социјалните врски и пријателства.

3.Дали се познати причините за ваквата состојба?

Точните причини за АДХД  не се целосно разјаснети, иако експертите укажуваат дека комбинацијата од повеќе фактори би можела да биде одговорна за оваа состојба. Некои истражувачи укажуваат на генетски предиспозиции и на различност во структурата на мозокот.

Додека во научните кругови се уште се утврдуваат точните причини за состојбата, теоријата на Рон Дејвис дава логични одговори на ова прашање. Имено, причините за оваа состојба се наоѓаат во природата на личноста која е резултат на  различниот начин на процесирање на информациите. Имено, лицата со АДХД имаат вродена способност да се  дезориентираат и доминантно го процесираат говорниот и пишаниот јазик преку ментални слики. Овие две особености на лицата со АДХД во исто време имаат и позитивни и негативни страни при развојот на личноста. Во дезориентирана состојба детето  е способно да ги гледа работите од различни перспективи  и да ги доживува со сите сетила. На тој начин креира  посакувана реалност во нивната имагинација. Гледајќи ги работите од сите перспективи , тие наоѓаат одговори на се она што ги збунува или им е непознато. Тие секогаш ќе влезат во спонтана дезориентација со цел да ја разрешат збунетоста. Од друга страна пак, дезориентацијата е состојба која ја менува реалноста – визуелната перцепција, аудитивната перцепција, чувството за време и балансот. Тоа значи дека во дезориентирана состојба не ги гледаат работите такви какви што се, не ги слушаат зборовите така како што се кажани, го губат чувството за течење на времето, а исто така  балансот и рамнотежата можат да бидат нарушени. Во периодите на долготрајна дезориентација, која може да трае од десетина минути па и до неколку часови, детето креира имагинација која целосно ја доживува. Детето е учесник во замислената приказна. Во таквата замислена реалност не постојат причинско- последични врски , не постои време, се се случува во сегашниот момент. Децата уживаат во таквиот нереален свет и секогаш таквата долготрајна спонтана дезориентација ја користат за сопствена забава. Истото се случува и кога играат видео игри или гледаат филм, тие се учесници во настаните што се случуваат таму на екранот.

Начинот на размислување со ментални слики е придобивка во однос на брзината на размислување, прибираат многу повеќе информации за кратко време во однос на другите кои доминантно размислуваат со звуците на зборовите. Иако нивниот мозок работи многу брзо токму поради сликовитиот начин на размислување, сепак тоа може да создаде проблеми при процесирање на говорниот и пишаниот јазик. Неможноста да се создаде слика за секој слушнат или напишан збор со цел да се разбере она што е кажано или она што е прочитано, ги прави всушност бавни во однос на процесирање на јазикот. Поради тоа честопати имаат проблем со следење на инструкции и постигнување на добар академски успех.

4.Дали АДХД е поврзано со дислексијата?

Истражувањата покажуваат дека околу 60 % од луѓето со АДХД имаат дислексија. Теоријата на Рон Дејвис укажува дека причините за двете состојби се исти : спонтана дезориентација и размислување со ментални слики. Разликата е само во причинителите на дезориентацијата. Кај дислексијата дезориентацијата се јавува како резултат од збунетост од пишани симболи како што се буквите, зборовите, интерпукциски знаци или бројки. Дезориентацијата кај нив е краткотрајна и тие можат за кратко време да се вратат во ориентирана состојба. Кај децата со АДХД, емоциите се најчеста причина за влегување во дезориентација. Кај секое дете различна емоција ќе предизвика пренасочување на вниманието. Може тоа да биде досада на час, страв , срам, гнев или едноставно привлечност кон некој надворешен стимул. Не ретко може да се забележи дете со АДХД да се загледа во прозорецот од училницата ако забележало некое движење и притоа целосно да се внесе во ново доживување поврзано со надворешниот стимул. Таквата дезориентација е долготрајна, детето го пренасочува вниманието од тековната активност кон нешто друго кое за него е поинтересно и побезбедно. Доколку детето се дезориентира и на пишаните симболи тогаш лицето се соочува со  комбинација од двете состојби.

5.Како изгледаат третманите според методот на Рон Дејвис

Методот на Рон Дејвис се разликува  од традиционалните методи за корекција на дислексија, дискалкулија и АДХД. Повеќето методи ги третираат симптомите на овие состојби и имаат фонетски пристап,  што всушност на децата со овие состојби им е најтешко. За разлика од нив, со методот на Рон Дејвис се третираат причините поради кои се јавуваат тешкотиите. Имено, во првиот дел од програмот се работат техники за контрола на дезориентацијата и стресот и контрола на внатрешната енергија. Со примена на овие техники го доведуваме лицето во ориентирана и добра ментална смиреност, по што се продолжува со останатите техники за корекција на состојбата. Главната поента при работата со овој метод е да ги откриеме тригерите кои ја предизвикуваат дезориентацијата. Кај дислексијата тоа се симболите, букви, бројки, зборови или интерпукциски знаци. Во тренингот за корекција на АДХД се работи на откривање на емоцијата која може да предизвика дезориентација. Претходно работиме на разјаснување на концепти кои ги нарекуваме животни лекции а за кои овие лица имаат погрешно разбирање односно изградиле мислење во дезориентирана состојба. Тоа се концептите за : промена, причина, последица, ефект, редослед, време и ред наспроти неред. Техниките се работат со глина преку изразување со тродимензионални модели за значењето на овие поими. Крајната цел на програмот е промена на непосакувано однесување со примена на претходно совладаните концепти. На овој начин лицата со АДХД стануваат свесни дека треба да го променат своето однесување за да дојдат до посакуваната ситуација. Тренингот за корекцијата на АДХД со овој метод е интензивен и трае најмногу 30 часа, распоредени во десет последователни денови. Еднаш воспоставените алатки за контрола на дезориентацијата, стресот и енергијата како и воспоставувањето на поинаков ред во однесувањето, остануваат како трајна придобивка на лицето кое се соочува со оваа состојба. Овие алатки помагаат во различни области и ситуации кои претходно претставувале тешкотија. Со нив може да се подобри академскиот успех, да се воспостават подобри социјални врски, да се намали анксиозноста и да се подигне самодовербата за краток временски период.

6.Каква порака можете да им упатите на родителите кои имаат дете со АДХД?

Пред се родителите треба да знаат дека децата со дислексија , дискалкулија и АДХД не ретко се натпросечно интелигентни и способни да постигнуваат успеси доколку се има свесност за состојбата. Важно е и да  не се занемарува проблемот. Доколку симптомите се повторуваат повеќе од шест месеци , потребно е да се побара совет од стручно лице. За жал најчесто овие деца се третираат со медикаменти и суплементи кои ја стимулираат работата на мозокот  во случај на и така брзиот мозок. При третманот по методот на Рон Дејвис не само што нема примена на медикаменти, туку напротив, третманот не може да има добри резултати доколку лицето е под дејство на лекови кои влијаат на мозочните активности.  Пораката до родителите е да веруваат во способностите на своите деца и покрај тоа што можеби тие не се секогаш видливи, да се информираат и да ја истражуваат состојбата. Доколку  непосакуваното однесување и неможноста да се постигне добар успех, траат во подолг временски период, треба да се побара стручна помош за корекција на состојбата.

Сподели го написот

Остави одговор

Твојата email адреса нема да биде објавена

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>