Сподели го написот

Дислексија / Избрани текстови / Линк

Првата dyslexia friendly веб страна е креирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија

Првата dyslexia friendly веб страна е креирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) ја пушти во употреба својата нова веб страна надградена со нов изглед и нови функционалности кои ќе им помогнат на лицата со дислексија лесно и едноставно да ги читаат веб содржините.

Инспирирани од новиот кирилски фонт DyslexicFZF тимот на ФООМ на својот веб-сајт додаде копче во горниот десен агол кое целиот сајт трансформира во наведениот фонт. Исто така покрај менувањето на фонтот додадена е уште една функционалност кој ќе го олесни читањето кај лицата со дислексија, односно копче за зумирање на веб содржините.

“Новиот веб-сајт на Фондацијата Отворено општество – Македонија, го подготвувавме подолго време, сакавме истиот да има што е можно повеќе функционалности кои ќе го направат лесно достапен за што е можно повеќе граѓани. Фондацијата е посветена на создавање отворено општество во кое сите ќе имаат еднакви можности да ги искористат своите потенцијали, и тоа се трудиме го рефлектираме во сите наши активности.” – изјавија од Фондацијата.

Со измените кои се направени, оваа веб страница нуди можност сите написи да  се трансформираат од содржини со стандарден фонт во веб содржини со фонт прилагоден на потребите на лицата кои се соочуаат со дислексија. Исто така, лицата со дислексија  имаат можност да ја зголемат или намалат големината фонтот во зависност од своите потреби. Воедно копчето кое ја трансформира веб страната во DyslexicFZF фонтот е достапно и за албански и англиски јазик.

“Новиот сајт на ФООМ меѓу другото има структура која е едноставна и лесна за навигација, користен е основен, едноставен, лесно читлив фонт, а и големината на фонтот се прилагодува (се зголемува) за содржините да се јасно видливи за луѓе со слаб вид. Боите и контрастот исто ни беа приоритет бидејќи сакавме да бидеме сигурни дека сé што е на сајтот ќе е јасно видливо и препознатливо за лица со оштетен вид. Сите елементи кои ги гледате се со големина и проред за да опфатат што поголем спектар на корисници. Воедно, на сајтот нема, а ќе се потрудиме да нема и во иднина, актуелни содржини кои што се пишани на неразбирлив јазик, со што ја минимизираме можноста посетителите на сајтот кои имаат потешкотии во учењето да не ја разберат содржината која ја читаат.” – велат од Фондацијата .

Основната цел на кирилскиот фонт DyslexicFZF е да го олесни читањето кај лицата со дислексија, а со неговата употреба самиот процес на читање станува пофлуентен и се намалува бројот на грешки при читање, бидејќи Dyslexic FZF го прикажува текстот на начин кој што е поприфатлив за лицата со тешкотии во читањето. Фонтот за дислексичари е првата алатка од пакетот асистивна технологија во нашата држава, истиот е креиран од страна на Филозофскиот Факултет и Здружението за дислексија Ајнштајн.

“Одлуката сајтот да е достапен и лесно читлив и за дислексичари, беше прилично лесна и логична. Фонтот DyslexicFZF е веќе достапен за користење за повеќе намени. Здружението за дислексија АЈНШТАЈН  вложи огромен труд и направи производ кој ќе им овозможи на огромен број граѓани лесно и едноставно да стигнат до бараните информации, а со тоа се инспирација за сите оние кои на различни начини работат на создавање инклузивно општество. Имплементацијата на фонтот на нашиот сајт беше прилично едноставна, и така, како краен и можеби највидлив производ на желбата сајтот на ФООМ да биде достапен за сите, воведовме копче „Дислексија“ и особено сме радосни што тоа копче ќе го направи нашиот сајт лесно достапен и за лица со дислексија. “ – изјавија од ФООМ.

Технологијата како решение за помош на лицата со потешкотии во учењето во светот се користи многу одамна, а кај нас е во зачеток. Во светот постојат голем број на софтверски и хардверски решенија, а како позначајни се истакнуваат софтверот за претворање на текст во говор (text-to-speech софтвер), софтвери за препознавање говор, паметни пенкала итн.

Се надеваме дека овој чекор на Фондацијата Отворено општество Македонија ќе ги поттикне и останатите чинители во нашето општество да допринесат кон создавање на инклузивно општество за лицата со дислексија

Сподели го написот