Овде ќе ги најдете најкарактеристичните знаци на диспраксијата. Воедно можете да ги користите и како листа за проверка за вас.
КООРДИНАЦИЈА И РАМНОТЕЖА
- Слаба рамнотежа што се манифестира како отежнато возење велосипед, одење по греда или качување по скали;
- Лошо држење на телото и брз замор. Стоењето во место подолго време претставува тешкотија. Некои луѓе со диспраксија може да имаат рамни стапала;
- Лошата интеграција на левата и десната страна од телото може да предизвика проблеми со некои спортови што вклучуваат скокање и возење велосипед;
- Лоша координација меѓу рацете и очите. Овој недостаток може да влијае на способноста за учество во тимските спортови, особено оние што вклучуваат фаќање топка;
- Недостаток на ритам при танцување или аеробик;
- Несмасно одење и движење;
- Претерани и непотребни движења на делови од телото, како што се мавтање со рацете додека трчаат;
- Тенденција за паѓање и удирање во предмети и луѓе;
- Лош ракопис, неправилно држење на моливот, изместување на линијата при пишување;
- Цртањето не соодветствува за возраста;
- Тешкотија при употреба на прибор за јадење;
- Подеднакво ги користат двете раце за разни активности;
- Тешкотии со облекување, чешлање, четкање заби, ставање шминка, бричење, закопчување копчиња, врзување врвци на чевли;
- Тешкотија при следење на движечки објект со очи без претерано движење на главата.
ГОВОР:
- Може постојано да зборуваат и да повторуваат една иста работа без да бидат свесни дека веќе ја кажале;
- Некои луѓе со диспраксија имаат тешкотии во организирањето на содржината на она што треба да го кажат;
- Може да има нејасен говор и да не може да изговара некои зборови;
- Не ја контролираат висината на тонот кога зборуваат.
ПЕРЦЕПЦИЈА:
- Лоша визуелна перцепција;
- Пречувствителни се на светлина и на бучава;
- Тешко ги разграничуваат звуците од задната страна. Подеднакво ги слушаат сите звуци од опкружувањето;
- Може да имаат преголема или недоволна чувствителност на допир;
- Може да се премногу или недоволно чувствителни на мириси и вкусови (крајности);
- Недостаток на свесност за позицијата на телото во просторот и предметите околу. Често несмасно ја туркаат и ја истураат чашата од масата каде што седат или се удираат во минувачи додека пешачат;
- Имаат слабо чувство за време, брзина, растојание или тежина;
- Немаат чувство за насока лево и десно и немаат развиени вештини за читање мапи.
УЧЕЊЕ И МЕМОРИЈА:
- Тешкотии при планирањето и организирањето на мислата;
- Слаба меморија, особено краткорочна меморија. Може брзо да заборават што прочитале или што слушнале. Често се случува да заборават каде оставиле некој предмет;
- Често се нефокусирани и непредвидливи;
- Имаат тенденција да го изгубат редот додека читаат;
- Може да изгледаат неуредни во однос на редење на учебниците, средување на ранецот и работната маса;
- Слабото чувство за редослед им предизвикува проблеми со математика, читање и пишување;
- Имаат тешкотии во следењето на инструкциите, особено повеќе од една во исто време;
- Тешкотии со концентрацијата. Може лесно да станат расеани;
- Може да прават само едно нешто одеднаш, иако може да се обидат да направат многу работи одеднаш;
- Бавно ги завршуваат задачите поради тоа што лесно и несвесно се префрлуваат на мечтање.
ЕМОЦИИ И ОДНЕСУВАЊЕ:
- Имаат тешкотија при слушање на луѓето, особено во големите групи. Може да бидат нетактични и често да ги прекинуваат другите. Поради тоа, често имаат проблеми со тимска работа;
- Често работите ги сфаќаат буквално, не ги разбираат шегите;
- Бавно се приспособуваат на нови или непредвидливи ситуации. Често избегнуваат нови ситуации;
- Имаат тенденција лесно да бидат фрустрирани, притоа да бидат импулсивни;
- Често се непредвидливи во однос на расположението – имаат изразено „добри и лоши денови“;
- Лесно се откажуваат од работи што им изгледаат многу тешки;
- Тешко се вклопуваат во друштво на врсниците;
- Тешко се префрлуваат од една на друга активност.
ЕМОЦИИ КАКО РЕЗУЛТАТ НА СОСТОЈБАТА:
- Лесно се вознемируваат;
- Често доживуваат стрес;
- Може да имаат проблеми со спиењето;
- Имаат ниска самодоверба;
- Имаат склоност кон зависности.
Многу од овие карактеристики ги имаат и луѓето што немаат диспраксија. Особено емоциите што се наведени како резултат од состојбата, се карактеристични и за многу други состојби.
Тврдењата што се дадени во симптомите за учење и меморија, карактеристични се за диспраксија, но, исто така, и за останатите тешкотии во учењето, како што се дислексијата и дискалкулијата.
Во горенаведените симптоми, како најважни показатели се тврдењата што се однесуваат на координацијата, говорот и перцепцијата. Доколку пронајдете повеќе од половина од симптомите што се поврзани со перцепцијата и координацијата, тогаш треба да прочитате и да примените некои од техниките за самопомош. Тие ќе ви помогнат за подобрување на вашиот успех во училиште, полесно справување со секојдневните активности, како и воспоставување подобри релации со другарите.