Сподели го написот

Дислексија / Избрани текстови

ШТО ЧУВСТВУВААТ ЛИЦАТА СО ДИСЛЕКСИЈА?

ШТО ЧУВСТВУВААТ ЛИЦАТА СО ДИСЛЕКСИЈА?
  • Анксиозност – Анксиозноста е најчест емоционален симптом кој се сретнува кај лицата со дислексија. Лицата што се емоционално вознемирени од нивниот неуспех, ги попречува во можноста да мислат јасно. Учениците со дислексија се многу поподложни да ја искусат анксиозноста многу потешко. Ова произлегува од процесот познат како условување. Тој е еден воспоставен психолошки феномен, според кој, две појави обично се случуваат заедно. Појавата на едниот од нив е насочена да го потсети човекот на другото. Според тоа, дислексичните ученици секогаш се наоѓаат во ситуации кога тие имаат претходен неуспех и не го забораваат тоа, па затоа и реагираат со анксиозност.

 

  • Гнев (лутење) – Гневот е честа појава кај лицата со дислексија. Гневот се јавува како последица на фрустрациите во училиштата и социјалниот живот, односно релации. Гневот најчесто се изразува кон училиштата и наставниците, а неретко и кон родителите. Во училиште, најчесто, за да не им бидат разоткриени грешките од кои тие најмногу се плашат, учениците со дислексија се максимално пасивни. Но, кога детето ќе дојде дома, во безбедна средина, силното чувство на гнев е насочено кон мајката, која се обидува да му помогне. А, детето уште помалку сака да прави грешки пред родителот и истовремено да го разочара и да не ги исполни неговите очекувања. Во периодот на адолесценција, кај децата се јавува огромен внатрешен конфликт поради посакуваната независност од домашните, наспроти зависноста од родителите кои му помагаат при учењето. Затоа гневот на адолесцентите со дислексија, најмногу е насочен кон оние од кои се зависни, односно родителите. Од овие причини, тешкотиите со кои се соочуваат родителите на адолесцентите со дислексија, во обидот да им помогнат, се огромни, па дури и непремостливи.

 

  • Лоша слика за себе – Првите години од образованието се периодот кога секое дете ја гради сликата за себе и период кога детето треба да го разреши конфликтот помеѓу позитивната слика за себе и инфериорноста. Кога детето наидува на грешки и фрустрации, тоа учи дека е инфериорно во однос на другите и дека неговите напори даваат многу мали резултати. Самодовербата и позитивната слика за себе доаѓа со постигнувањето успеси во училиште. Кога едно дете што нема дислексија покажува успех во училиште, тоа си го припишува на своите вложувања. Кога тоа истото дете ќе направи грешка, тоа му е знак и мотив да се потруди повеќе. Кога, пак, едно дете со дислексија ќе покаже успех, тоа го припишува на среќни околности, а кога ќе направи грешка, тогаш тоа едноставно се гледа како глупаво. Наместо чувство на моќност и продуктивност, тие имаат чувство дека околината ги контролира и дека се некомпетентни и инфериорни. Истражувачите укажуваат дека ваквото чувство на инфериорност особено се развива околу десеттата година. По оваа возраст е многу тешко да се изгради позитивната слика за себе, а со тоа и самодовербата. Ова е моќен аргумент за рана интервенција.

 

  • Депресија – Депресијата е честа компликација при дислексијата. Иако многу луѓе со дислексија не се депресивни, сепак ризикот за појава на чувство на тага кај дислексичарите е висок. Децата и адолесцентите различно ги манифестираат чувствата на тага од возрасните со дислексија. Кај нив најчесто тие чувства се невидливи, прикриени со поголема активност или летаргичност. Тие не сакаат да зборуваат за тоа како се чувствуваат и често не изгледаат несреќни. Како и да е, и децата, и возрасните што се депресивни, имаат три заеднички карактеристики: Прво, тие се стремат да имаат негативни мисли за себе, што создава лоша слика за себе. Второ, тие се стремат да го гледаат светот негативно, не ги уживаат позитивните искуства во животот и со тоа се спречени да имаат забавен и среќен живот. И трето, тие не гледаат светла перспективна иднина, туку животот го гледаат како континуитет на сопствени грешки.

Најважно од сè е возрасните, родителите и наставниците пред сè, да ги разберат потенцијалните проблеми со кои можат да се соочат учениците со дислексија во текот на нивниот развој и да изградат стратегии за да им помогнат. Родителите и наставниците треба да ги разберат чувствата на децата со потешкотии или да изнајдат начини и да ги научат да зборуваат за своите чувства. Потребно е да се наградува трудот, а не само резултатот од работата – за децата со дислексија многу поважен е прогресот отколку оценките.  И на крајот, многу повеќе успеваат децата на кои им се нуди постојана поддршка и охрабрување од најблиските.

Сподели го написот

Остави одговор