Сподели го написот

Дислексија / Избрани текстови

Што претставува дислексијата?

Што претставува дислексијата?

Дислексијата, всушност, претставува проблем за којшто се води долгогодишна дебата, и создадени се многу дефиниции за неа во последните неколку децении.

Класичната дефиниција е предложена од Светската федерација на невролози во 1968 година, која гласи: „Дислексијата претставува нарушување од конституциско потекло, кое се карактеризира со потешкотии во учењето, читањето и пишувањето, и покрај дадените адекватни образовни инструкции и присуство на нормална интелигенција и нормално социо-културно опкружување.“ Оваа дефиниција се заснова на критериумот за нееднаквоста меѓу вештините за читање и генералните когнитивни способности, односно интелигенцијата. Во оваа дефиниција, важно обележје за потешкотиите во учењето е достигнатото ниво на читање, кое е на значително пониско ниво во однос на возраста на личноста. Потешкотиите во читањето и учењето значајно влијаат врз академскиот успех на учениците и секојдневните активности кои бараат читање. Кај личност што има потешкотии во учењето, гласното читање е карактеризирано со искривување, замена и искривување или испуштање букви, како и бавност и грешки во разбирањето на тоа што се чита.

Дефиницијата на Светската федерација на невролози во денешно време се смета за застарена, со оглед на фактот дека е предложена во 1968 година.

Дефиниција која, исто така, е широкоприфатена во светот, е дефиницијата на Европското здружение за дислексија, која гласи: „Дислексијата е различност што го отежнува процесот на стекнување и користење на вештините за читање, учење и пишување. Оваа резличност има невролошко потекло. Когнитивните тешкотии, што се позадина на таа различност, може да влијаат и на организациските вештини, математичките способности и емоционалните способности на личноста. Може да се појави во комбинација со проблеми во фонолошка обработка, работната меморија, секвенците и автоматизација на основните вештини. Истражувачите сметаат дека постојат многу причини за појавата на дислексијата, меѓу кои и генетиката. Нема поврзаност меѓу нивото на интелигенција, трудот на личноста или социо-економската положба и дислексијата. Покрај овие проблеми, постојан предизвик за дислексичарите е снаоѓањето низ животот и светот кој не е многу пријателски настроен кон нив. Различните јазици и култура низ цела Европа и образовните системи во земјите влијаат на тоа како децата ќе ја доживуваат дислексијата, а со тоа и каква ќе биде нивната иднина како возрасни личности.“ Друга дефиниција, која е општоприфатена во светски рамки, е дефиницијата на Британското здружение за дислексија, која гласи: „Дислексијата е специфична тешкотија во учењето, што главно влијае на развојот на писменоста и јазичните вештини кои се поврзани со неа. Дислексијата е присутна од раѓањето на човекот и е доживотна состојба. Дислексијата ја карактеризираат тешкотиите во фонолошката обработка, брзината на читањето, работната меморија, брзината на обработка на информациите, автоматизацијата на вештините што не се во склад со останатите когнитивни способности на поединецот. Конвенционалните наставни методи не даваат добри резултати, но последиците на ова можат да се ублажат преку посебни постапки, вклучувајќи ја примената на информациските технологии и поддршката преку советување.“

Од наведените дефиниции, Здружението за дислексија – АЈНШТАЈН прави комбинација и наједноставно ја дефинира дислексијата како: „состојба при која мозокот различно ги процесира пишаниот или говорениот јазик и создава потешкотии во читањето, пишувањето и генерално во учењето.”

Сподели го написот

Остави одговор